Децата од претшколската установа ЈУОДГ „Орце Николов“ во Карпош 3, денеска беа во посета на полициската станица Карпош, како дел од едукативниот процес кој го реализираат во рамките на својата градинка. Имено, дечињата од двете групи на возраст од четири до пет и од пет до шест години, месецов ќе се запознаваат со професиите од областа на безбедноста, здравството, уметноста и занаетчиството.

 

По тој повод денеска, полициските службеници предводени од командирот на полициската станица Карпош, Владо Симјановски, практично им објаснија на малите карпошани што подразбира професијата полицаец и со какви предизвици се соочуваат тие. Со оваа практична настава се опфаќа социо – емоционалната компонента кај дечињата, кои треба одблизу да се запознаат со професиите кои се карактеристични за едно современо општество.

 

Во таа насока, дечињата од поголемата група (од пет до шест години), подготвуваат проект кој се однесува на планетата Земја, додека пак помалата група (од четири до пет години) со помош на своите воспитувачки, ќе работат  на проектот поврзан со театарот и децата.