Од наредниот период ќе има слободно место за сите дечиња од општина Карпош, кои треба да бидат згрижени во градинките кои се наоѓаат на нејзина територија – посочи градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој вчеравечер ја информираше јавноста преку своето обраќање во живо на социјалните мрежи.

 

Имено, до развој на новата ситуација со која се овозможи прием на сите дечиња од Карпош кои беа на листата на чекање и не можеа да се запишат во градинка, дојде по иницијативата на градоначалникот Јакимовски, со која тој предложи да бидат отпишани сите деца кои не живеат на територија на локалната самоуправа. Главна причина за оваа одлука на општинскиот татко беше фактот што досега, најмалите резиденти на Карпош не можеа да бидат згрижени во претшколските установи на своја територија, заради преполните капацитети кои ги зазедоа децата од околните општини.

  

Предлогот на Јакимовски наиде на одобрение од советниците од Карпош, кои кон крајот на април годинава ја изгласаа одлуката за утврдување на реони на градинките во Општината. Оттаму, по неодамнешната работна средба, директорките на детските градинки го брифираа првиот човек на Карпош за фактичката состојба со расположливите капацитети во предучилишните установи.

 

На средбата беше констатирано дека во градинката „Мајски цвет“ има запишано нови 211 деца од кои во Тафталиџе 1 – 57 деца, во Тафталиџе 2 – 82 деца, во новиот клон „Јасмин“ – 18 дечиња, а во градинката кај „Млечен“ – 54 дечињаа. Градинката „Орце Николов“ дополнително згрижила 10 деца и во оваа установа нема други дечиња на листа на чекање. Градинката „Пролет“ во мај запиша 16, а од неодамна се запишаа уште 18 нови дечиња. На листа на чекање за оваа градинка има 103 дечиња кои ќе бидат згрижени во септември годинава, бидејќи нивните родители одлучиле дека тој период е најсоодветен за нив, за да ги запишат своите деца во градинка.

 

Градинката „Распеана младост“ во чии рамки функционираат два објекти, (во населбата Карпош 1 и нејзиниот клон „Виножито“ во населбата Бардовци), ќе згрижи дополнително 81 ново дете. Со тоа, вкупниот број се искачи на 336 нови дечиња од Карпош  кои станаа дел од воспитниот процес во градинките на територија на локалната самоуправа.       

 

            По разговорот, директорките на градинките го известија градоначалникот Јакимовски, дека секој родител кој има потреба неговото дете да биде згрижено веднаш или пак наредната недела, тоа може да го стори без никаков проблем.

 

  • Тоа значи дека ниту едно дете кое е жител на Карпош, а во моментов има потреба да биде сместено во градинките низ општинава, нема да биде одбиено, освен оние родители кои се изјасниле дека сакаат нивните деца да бидат згрижени во градинка од септември – додаде првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски.