Под покровителство на Општина Карпош, во организација на  Детскиот ликовен центар, денеска започна единаесеттата Меѓународна детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон – 2017″. Учениците од десетте основни училишта од Општина Карпош, заедно со своите врсници од трите збратимени општини, Травник (БиХ), Тиват (Црна Гора) и Нови Београд (Србија), ја пренесоа на платно својата инспирација од преубавиот манастирски комплекс „Св. Пантелејмон” (Горно Нерези) и „Македонско село”.

 

На дводневната ликовна колонија учествуваат 30 основци кои во акрилна и комбинирана акварелна техника  ќе ги изразат своите  уметнички импресии од околните историски и традиционални куќи. Помошник раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес при Општина Карпош, Гордана Стојчевска Зафировска ја поздрави оваа долгогодишна манифестација која е плод на пријателство и одлична соработка со збратимените општини во делот на културата и уметноста.

 

–          Основците од Карпош, дружејќи се со своите пријатели од збратимените општини, со задоволство ја прифаќаат оваа наша културна манифестација каде сликаат, разменуваат искуства и го унапредуваат своето знаење во областа на ликовната уметност – истакна Зафировска.

 

Утре попладне на учесниците ќе им бидат доделени благодарници како награда за нивното учество на единаесеттата детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон – 2017″, а ликовните дела ќе бидат изложени до наредната среда (20.09.2017) во просториите на Детскиот ликовен центар (просториите на Кинотека на Македонија).