Тричлена делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, членот на Советот, Александар Илиески и претставничката од општинската администрација, Билјана Јованоска, деновиве се наоѓаат во пријателска посета на збратимената Општина Стари Град (Сараево). Повод за тридневната средба е празнување на 2. мај – Денот на оваа босанска локална самоуправа, која воедно ја одбележува 31 годишнината од ослободувањета на Општина Стари Град но и на цело Сараево, каде што се воделе пресудните битки за одбрана на независна Босна и Херцеговина.

 

Во таа насока, домаќините подготвија богата културно – уметничка програма, која со своето учество ја збогатија членовите на КУД „Башчаршија“, како и босанскохерцеговската актерка Медиха Муслиовиќ. Во рамки на манифестацијата, исто така беше емитуван и промотивниот филм „Стари Град – општина по европски стандарди“.

 

На покана од градоначалникот на Општина Стари Град, Ибрахим Хаџибајриќ, на Свечената седница која се одржа вчеравечер во Бошњачкиот институт, покрај делегацијата од Општина Карпош присуствуваа и претставници на бројни граѓански здруженија, како и делегации од збратимените општини и градови од регионот и од Република Турција.