ДЕЛЕГАЦИЈА НА ОПШТИНА КАРПОШ ПОЛОЖИ СВЕЖО ЦВЕЌЕ ПО ПОВОД 13 НОЕМВРИ – ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ
- ноември 13, 2026
- 0
По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, а на покана на Сојузот на борците од НОБ – СБМ Карпош, делегација на Општина Карпош, предводена од градоначалникот Сотир Лукровски, положи свежо цвеќе пред спомениците на Првиот скопски партизански одред, оддавајќи им почит на борците кои ги положиле своите животи за слободата на градот. Градоначалникот Лукровски ги поздрави присутните и им го честита празникот, истакнувајќи ја важноста од негувањето на сеќавањето на паднатите борци и нивната жртва за слободата на Скопје и татковината. Во знак на благодарност за досегашната соработка и поддршката, Сојузот на борците од НОБ – СБМ Карпош му додели благодарница на градоначалникот Сотир Лукровски, со што беше потврдена важноста на меѓусебното почитување и заедничкото негување на историските вредности.
Во рамки на одбележувањето беше организирана и пригодна културно-уметничка програма, посветена на слободата, херојството и историското наследство. Свои драматизации и уметнички изведби имаа и учениците од основните училишта, кои преку своите настапи ја пренесоа пораката за значењето на слободата и пожртвуваноста на борците.
Почитта кон минатото и сеќавањето на борците се наша трајна обврска, како и должноста вредностите на слободата, солидарноста и заедништвото да ги пренесуваме на идните генерации.
































