Со цел отстранување на вируси, бактерии и микроорганизми,  во сите објекти на градинките во Општина Карпош, денеска започна процес на дезинфекција и чистење на душеците од креветчињата. Во рамки на оваа акција, ќе се изврши дезинфекција и на теписите, откако претходно целосно се дезинфицираа и просториите во претшколските установи.

 

Овој период, додека дечињата се во своите домови, се користи за максимално да се подигне нивото на хигиена во објектите.

 

Во таа насока, компанијата „Clean Max“, која е овластена за спроведување на највисоки стандарди за хигиена и заштита, денеска ги дезинфицираше душеците од креветчињата во градинката „Орце Николов“ во Карпош 4.

Градоначалникот Стефан Богоев ги истакна придобивките од дезинфекцијата на душеци и теписи и истакна:

 

  • Пандемијата со коронавирус не натера сите да водиме поголема грижа за личната и јавна хигиена. Нашата цел е овој тип на активности да продолжат и после Covid – 19. Затоа што оваа дезинфекција ги штити најмладите од секојдневни вируси, бактерии и спречува појава на алергии и астма, рече Богоев.

 

Тој се заблагодари до компанијата „Clean Max“, која ја покажува општествената одговорност кон заедницата и ова го спроведува без надомест.

 

За методот на чистење и користењето на УВЦ технологија говореше Дијана Бадаровска Мицова, генерален менаџер на фирмата. Имено, оваа технологија се користи за дезинфекција на површини и е докажана во уништување на бактерии, вируси и останати патогени микроорганизми. УВЦ методата се користи и во светски рамки, затоа што ефикасно се справува со микроорганизмите кои можат да се најдат во душеците и негативно да влијаат врз здравјето на луѓето и децата (особено кај оние со проблеми со астма и алергии).

 

Локалната самоуправа продолжува со унапредувањето на детската заштита  и со обезбедување на подобри услови за раст и развој на децата во предучилишно образование.