Во просториите на Општина Карпош денеска се одржа првиот координативен состанок на „Ресурсен Центар Карпош“, на кој учествуваа претставници на девет невладини организации избрани преку јавен повик објавен од Општина Карпош. Средбата се одржа во отворена и интерактивна атмосфера, со цел меѓусебно запознавање на учесниците, презентација на нивните активности и мисии, како и запознавање со визијата и целите на новоформираниот ресурсен центар. Во рамки на состанокот беа идентификувани потребите и очекувањата на организациите за претстојниот период, а беа дефинирани и конкретни следни чекори за воспоставување и унапредување на понатамошната соработка и меѓусебното вмрежување. Особена вредност на „Ресурсен Центар Карпош“ претставува разновидноста на организациите кои се дел од него, со активности во различни области од јавен интерес – од спорт, млади и поддршка на лица со попреченост, до заштита на животната средина, енергетска ефикасност, развој на бизнис-секторот и унапредување на јавните вештини.

Преку поврзување на организации со различни искуства, знаења и области на делување, „Ресурсен Центар Карпош“ има за цел да создаде простор за размена на идеи, развој на заеднички иницијативи и реализација на проекти од интерес за локалната заедница. Општина Карпош останува посветена на поддршката на граѓанскиот сектор и на создавањето услови за негово активно учество во процесите од значење за локалната заедница. Ваквите иницијативи придонесуваат кон посилно граѓанско учество, подобро вмрежување и создавање нови можности за унапредување на секојдневниот живот и квалитетот на живот на жителите на Општина Карпош.