ГРИЖА И ИНКЛУЗИЈА НА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ ОД КАРПОШ
- ноември 21, 2017
- 0
Грижата за младите, нивната едукација и пред се, инклузија во општеството, остануваат приоритет за локалната самоуправа во Карпош. Токму по тој повод, а во рамки на „Деновите на Општина Карпош“ градоначалникот Стефан Богоев, заедно со членови од Советот на Општината денеска ги посети СОС Детското село во Бардовци и Монтесори центарот во ООУ “Аврам Писевски” .
При посетата во СОС Детското село, градоначалникот Богоев заедно со вработени од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита од Општината, како и претставници на Детското село искажаа подготвеност за склучување на Меморандум за соработка, кој би ги отворил вратите за подлабока и потемелна соработка меѓу локалната власт и оваа специфична група млада популација.
Градоначалникот Богоев понуди неколку конкретни идеи околу начинот на идната соработка:
– Подготвени сме да настапуваме партнерски, заеднички да реализираме проекти за дополнително вклучување на децата од оваа установа во едукативни активности, но, и да ја подигнеме јавната свест за системска поддршка на овие млади граѓани, потенцираше Богоев.
Претставници од СОС Детското село, говореа за позитивни искуства кои се спроведуваат во земјите членки на Европската Унија, а се однесуваат на социјалната заштита на децата без родители и родителска грижа, деца сираци, напуштени деца или деца чии семејства не се во можност да се грижат за нив. Токму таква мисија има и СОС Детско село, кое на овие деца им дава можност да изградат трајни семејни врски. Тие искажаа задоволство од поддршката од нивната општина, и по тој повод на градоначалникот Богоев му врачија благодарница за хуманост и исклучителна поддршка.
Првиот човек на Општината денес го посети и „Монтесори центарот за едукација“ кој згрижува околу 20 дечиња на возраст од 3 до 6 години, а кој во Карпош функционира од 2012-та година. Наставниот кадар во Центарот работи на едукативна поддршка и социјална инклузија на децата од Злокуќани и Бардовци од предучилишта возраст.
Во оваа прилика, градоначалникот Богоев на децата посетители на Центарот им подари пакети со храна како и со средства за хигиена.