ГРАЃАНСКИ БУЏЕТ 2020 : ЕКОЛОГИЈА, ДЕТСКА ЗАШТИТА И ПОДОБРА ИНФРАСТРУКТУРА

     

Општина Карпош за прв пат го објави својот Граѓански буџет за 2020 година. Станува збор за поедноставен начин на следење на буџетските расходи, при што граѓаните ќе имаат увид за текот на реализација на приоритетните проекти за кои ќе се одвојуваат средства од новиот Буџет.

Советот на Општина Карпош донесе развоен буџет, а меѓудругото, средства се наменети за голем број проекти од областа на заштита на животната средина, детската заштита, инфраструктурата, образованието, културата и сл.

 

Точно три милиони денари се предвидени за новиот парк, кој ќе се простира до бунарите на р.Лепенец. Овие средства се планираат за подготвителни активности (расчистување на теренот). Исто така, се одвојуваат средства за чистење на нови диви депонии, како и за субвенционирање при купувањето на  велосипеди и електрични тротинети, создавање на нови тревни површини и на системи за наводнување.

На полето на детска заштита, следува обнова на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, а за оваа намена се предвидени пет милиони денари. Буџетски пари се наменети и за  тековни реконструкции во основнитње училишта и градинки.

 

По повеќе децении, неражани ќе можат да пијат чиста и безбедна вода, затоа што во 2020 ќе се постави нова водоводна мрежа во Средно Нерези.

Општина Карпош одвојува средства и за субвенционирање на реконструкции на фасади, лифтови и покриви. Начинот на кој ќе се доделуваат субвенциите за овие цели ќе се промени врз основа на препораките од Државниот завод за ревизија.

 

Во изминатиов период, локалната самоуправа на повеќе начини ги вклучи граѓаните во креирање на новиот Буџет. Беше спроведено теренско истражување за клучните проблеми, а карпошани пополнуваа и прашалник во електронска форма, со предлози и сугестии кои пристигаа директно до секторите на Општината.

Facebook
Големина на фонт