ГРАЃАНИТЕ СО ПОГОЛЕМО УЧЕСТВО ВО ГРАДЕЊЕТО „ЗДРАВА НАСЕЛБА“ ВО КАРПОШ
- октомври 18, 2018
- 0
Општина Карпош е првата и единствена локална самоуправа во Македонија и пошироко, која ќе започне да го спроведува проектот за здраво живење, во рамките на програмата „HORIZON 2020 INHERIT“, во соработка со Институтот за јавно здравје на Република Македонија. По тој повод денеска, во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (ИСППИ), се одржа работилница на интерсекторската работна група за спроведување на истражувањето во Општината – „Прашалник за здрава населба-колку е добра и здрава нашата населба?“ и Институтот за јавно здравје. На работната средба беа резимирани резултатите од Прашалникот кој во изминатиот период се спроведе „он лајн“ преку интернет страницата на Општина Карпош и преку фокус групи меѓу жителите на оваа општина.
Карпош е пилот општина во која се спроведува ваков прашалник и според проф. Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје, оваа локална самоуправа е избрана како најперспективна и најпрогресивна во која ќе може да се инкорпорираат резултатите кои ќе произлезат од анкетите. Целта на прашалникот беше преку поширок опфат на заинтересирани јавности, граѓаните, невладините организации, како и локалната администрација да се дефинираат приоритетите како да се подобрат условите за живеење и како да се дојде до „здрава населба“.
Натаму, целта е тие да бидат внесени во програмите за работа на секторите во локалната администрација, што значи дека тие ќе бидат финасирани од Буџетот на Општината. На тој начин практично ќе се зголеми партиципативноста, односно поголемото учество во дефинирањето на приоритетите на жителите на Карпош во насока на креирање на „Здрава населба“ според нивните гледишта и потреби.
Партнерска земја во која се спороведува ист ваков проект за здраво живеење е Латвија, а целта е да се изгради одржлив модел кој ќе може да се имплементира и во другите општини.