Денеска започна дводневната  голема  акција на чистење  во Општина Карпош.  Акцијата    ќе се спроведе  денеска  и во сабота.  Истата ја  иницираше,  и  е во соработка со Градот Скопје,  и сите јавни претпријатија кои се под негова ингеренција.

 

Со севкупна механизација, и значителни човечки ресурси од Градот и Општината, на пет локации низ локалната самоуправа, ќе се расчистува шутот,  т.н  мини  депонии,  сметот и лисјата.

 

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев истакна дека со оваа акција значително ќе се исчисти ѓубрето од мини депониите кои се создадени на територијата на локалната самоуправа,  од несовесни граѓани.

 

–                    Очекувам и во иднина, заедно со Градот Скопје и јавните претпријатија кои се под негова надлежност, да имаме координирана соработка со која ќе ја чистиме Општината, ќе работиме на санација на улиците, ќе засадуваме садници и дрвја . На пролет одново ќе има ваква нова сеопфатна акција, која се надевам ќе биде со уште поголем успех, потенцираше Богоев.

 

Станува збор за расчистување на  локацијата позади  етноресторанот „Македонска куќа“ ( кај контејнерите), под мостот  Газела , од страната на населеното место Злокуќани, мостот кај вливот на Лепенец во Вардар, во Жданец, на ул. Теодосиј Синаитски, каде што ќе се отстрануваат камења и шут, како и каналот  за одвод на атмосферски води меѓу Трнодол и Жданец.

 

 Во акцијата на чистење на Карпош ќе се вклучат ЈП „ Паркови и зеленило“, со шест специјализирани возила, кои ќе  помогнат во транспортот на лисјата. ЈП „ Улици и патишта“, ќе работат на крпење на ударните дупки, како по големите градски улици, така на станбените и сервисните улици во Општина Карпош.  ЈП „ Градски паркинзи“ ќе работи на расчистување на нивните паркиралишта на територија на Карпош, односно двете кај болницата „ 8 Септември“ ( поранешна Воена болница) и кај тенискиот клуб „ АБЦ“. ЈП „ Водовод и канализација“ ќе работат на расчистување на сливниците, а ќе помогнат и во транспортот на собраните лисја.