ГЕРМАНСКИ ИСКУСТВА ЗА ПРЕНАМЕНА НА ЈАВНИТЕ ЗАПУШТЕНИ ПОВРШИНИ
- мај 8, 2019
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев е во неколкудневна студиска посета на Германија во рамки на која ќе престојува во неколку градови како: Дортмунфд, Штутгарт, Хајделберг, Шорндорф, Минстер и Заербек.
Деновиве, веќе беа одржани повеќе работилници на кои присутните имаа можност да се запознаат со клучните социо – еколошки трендови во општините. Посебна тема на интерес беа климатските промени, како и нивното влијание во секојдневието, рециклирањето на отпадот и неговото паметно искористување.
Гостите на оваа студиска посета имаат можност да се запознаат и со повеќе рекултивирани места во Германија, како на пример, начинот на кој дел од старите и затворени фабрики се претворени во езера, со што се добил еден нов лик на околината во неколку германски градови. Исто така, површините кои некогаш биле депонии денеска се прераснати во иновативни паркови.
Оваа пренамена на запуштените јавни места е добар пример кој Општина Карпош и градоначалникот Богоев се подтотвени да го применат и кај нас.
Градоначалникот напомена дека токму Карпош се фокусира на облагородување на јавните запуштени површини. Во таа насока, наскоро ќе започне изведбата на Спортско – адреналинскиот парк долж Кејот на Вардар (од Вештачката карпа до бунарите на р. Лепенец), потег кој до сега беше запуштен и придонесуваше кон загадувањето на Општината и Градот Скопје. Дополнително, се затвораат децениските депонии долж Кејот на Вардар (кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“) а намерата е јавниот простор од овие депонии да се користи за спортско – рекреативни цели.
Во склоп на целата студиска посета, градоначалникот на Карпош ги презентира и главните социо – еколошки предизвици на Општината и мерките кои ги презема локалната самоуправа за да се справи со нив.
Оваа посета е во организација на Фондацијата Friedrich Ebert Stiftung, а учествуваат претставници од повеќе градови и локални самоуправи од Европа.