ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ВО ОПШТИНА КАРПОШ
- мај 13, 2023
- 0
Во организација на „Мен енд маунтен„ со поддршка и учество на Општина Карпош, денеска се одржа големата еко акција „Генералка Викенд“ на седум локации. Целта беше да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се однесе до најблиската ПАКОМАК, Нула Отпад или локалната комунална станица за отпад и кадешто потоа ќе се измери количината на собраниот отпад. Предвидени се за секои 10 килограми отпад, Министерството за земјоделство ќе донира по едно дрво во својот годишен план за пошумување нови шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“ – национални зелени споменици што ќе растат секоја година.
Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, е голем поборник за здрава и чиста околина, кој се вклучи во оваа еко акција и кој задоволно истакна дека Општина Карпош е една од почистите Општини во Градот:
-Во моментов се случува пролетна акција за чистење на Општина Карпош, и сите вработени во Општината се вклучени низ целата територија на истата. Се собира и најмалото хартивче, иако со задоволство можам да истакнам дека нашата Општина е една од најчистите општини. Среќни сме што имаме поддршка и од најмалите, оние кои несомнено треба да се грижат за хигиената и природата. Од она што на терен сега собираме најголем дел се најлончиња од опаковки од цигари, пикавци, запалки, што значи дека пушачите се најнеодговорната група кои се жители на Општина Карпош или кои поминуваат низ оваа Општина. Би сакал да упатам апел до нив, секое хартивче да се стави во џеб и да се фрли во најблиската корпа-рече Јакимовски кој потсети за зеленилото во оваа Општина, односно косењето кое ќе се одвива и во наредниот период.
-Би сакал да напоменам и за зеленилото, се наоѓаме во период кога имаме бујна вегетација, и поради тоа екипите неможат да стигнат да ги искосат во еден ден, или една недела сите кои ги имаме на наша територија, верувајте, многу се. Имаме 13 косачи и две возила со кои се коси, во предстојниот период очекуваме да пристигне новата опрема со која ќе бидеме побрзи и поактивни на овој план – заврши првиот човек на локалната самоуправа.
Со низа активности, оваа годишна акција, локалната самоуправа ќе ја одбележи три дена, почнувајќи од вчера (петок). Најмалите излегоа и ги исчистија дворовите на своите градинки, а повозрасните деца, дворовите на училиштата. Денеска се вклучи целата администрација, вработените кои се задолжени за хигиената, како и дел од волонтерите на Црвениот крст на РСМ.
За утре е закажан хуманитарен настан за Никола Ѓорѓиев, во дворот на ООУ ,,Лазо Трповски”.
Оваа година, акцијата ,, Генералка Викенд” се спроведува во 53 општини и во повеќе од 400 училишта низ државата, вклучително и во Град Скопје.
Имено, акцијата за чистење е една од активностите што се спроведуваат за да се подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијание врз зачувувањето на животната средина. Еко акцијата ја поддржуваат општествено одговорни фирми како Пакомак во партнерство со Шпаркасе Банка и Нула Отпад, Пивара –Скопје, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство.