Во амфитеатарот на Универзитетот Скопје денеска се одржа конститутивната седница во чии рамки официјално беше формиран Локалниот совет за женско претприемништво на општина Карпош (ЛСЖП). Оттука, во работна атмосфера присутните расправаа и полноправно одлучуваа по неколку точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, доц. д-р Вера Бошковска едногласно беше избрана за Претседател на ЛСЖП, додека пак за нејзини заменички беа избрани координаторката од Општина Карпош за еднакви можности меѓу жените и мажите, Виолета Михајловска и претставничката од приватниот сектор, Марина Терповска Штарго.  Со истата динамика, членовите и ја дадоа целосната доверба на Славица Новевска која отсега ќе ја извршува функцијата Секретар на Локалниот совет за женско претприемништво на општина Карпош.

 Во текот на седницата се расправаше и за повеќе конструктивни предлози кои  треба да резултираат со изработка на годишна програма за работа на Локалниот совет, како и за конципирање на повеќегодишна стратегија според која ќе функционира ова тело. Според статутот, ЛСЖП е предвиден да работи во насока на подобрување и унапредување на економско – финансиската независност кај жените кои живеат или работат на територијата на општината. Притоа, од тој аспект, од исклучително значење е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за женско претпримништво, со цел ефикасно креирање на политики преку кои  ќе се застапуваат интересите на жените во локалните и национални власти.

 

На иницијативата за формирање на Локалниот совет за женско претприемништво и претходеше Декларацијата за подобрување и унапредување на положбата на женското претприемништво, која во февруари оваа година ја потпишаа градоначалникот Јакимовски и претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, Валетина Дисоска. Инаку, во Локалниот совет членуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски, сите советнички од локалната самоуправа во Карпош, координаторот и заменик координаторот за еднакви можности, претставник на Националната платформа за женско претприемништво, како и претставнички од граѓанскиот, образовниот и бизнис секторот од општината.

Оваа платформа е воспоставена преку проект којшто е кофинансиран од ЕУ, а го спроведува Здружението на бизнис жени, во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР).