Во организација на Општина Карпош и Здружението ГалИцко, утринава во спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ започна крводарителската акција, каде што голем број граѓани заедно со вработените од општинската администрација ја демонстрираа својата хуманост донирајќи крв за потребите на Црвениот Крст на Општина Карпош и Институтот за трансфузиона медицина.

Во таа насока, во текот на оваа акција која траеше од 9 часот наутро до 17 часот попладне, беа собрани вкупно 75 единици крв. Општина Карпош како општествено одговорна институција традиционално организира крводарителски акции уште од 2004 година, со што ја поттикнува хуманоста кај сите солидарни граѓани кои сакаат да ја донираат најдрагоцената течност. Токму затоа, годинава кога Црвениот крст на РСМ одбележа 78 години од своето основање, и додели на благодарница на Општина Карпош за нејзиниот досегашен придонес кој го манифестира преку организација и учество на бројни акции и иницијативи од хуман карактер.