Ниту ВМРО – ДПМНЕ, ниту пак Тони Јаревски во изминатите години, во Карпош не оставија парковски површини, не вложуваа во капитални проекти кои значат повеќе зеленило и содржини за спорт и рекреација на граѓаните.

Оттука, веројатно им е чудно што денес јавните површини прераснуваат во паркови, наместо истите да се пренаменат во станбено – деловен простор.

 

Затоа, општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев нема да бидат изненадени ако деновиве се одржи и првиот протест во независна Македонија,  против  изградба на парк.

 

Фактите говорат дека целосно е завршен содржинскиот дел од Спортско – адреналинскиот парк во Карпош.  Завршени се изведбените активности и финализира административната постапка за пуштање на паркот во употреба. Ова е видливо и очигледно, и многу добро го знае и советникот на ВМРО – ДПМНЕ, Тони Јаревски.

Оттаму, неговите обвинувања за нетранспарентност се неосновани и се базираат единствено на измислици.

 

Советникот Јаревски, исто така манипулира со јавноста во врска со вредноста на овој проект. Имено, изведбата на Спортско-адреналинскиот парк нé чини 55.000.000 денари како што тврди Јаревски, туку 48.000.000 денари. Од оваа вредност, 42.000.000 денари покрива Европската унија, додека општина Карпош учествува со 6.000.000 денари.

 

Прво, општина Карпош започнува постапка за давање под закуп на дел од Адреналинскиот парк (High rope), заради специфицичноста на содржините. Имено, правниот субјект треба да исполни услови за непрекинато и правилно функционирање на адреналинскиот дел и да обезбеди безбедност на лицата кои ќе го користат паркот. Самата опрема на адреналинскиот дел бара посебни услови за управување и чување, како и ангажирање на лица со лиценца кои ги исполнуваат сите стандарди и безбедносни мерки за управување со паркот.

 

Оваа постапка е координирана со Светска банка и Европската унија, и за истата постои целосна согласност од овие страни.

 

Дали за ВМРО – ДПМНЕ безбедноста на корисниците, граѓаните во адреналинскиот дел не е најважното нешто?

 

Второ, постапката за избор на изведувач за Спортско – адреналинскиот парк ја водеше Светска банка и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања при Владата.

 

Целиот проектот подлежи на континуирана ревизија од Европската унија, како донатори на средства и Светска банка, преку која се администрира целиот процес.

 

После повеќе децении, овој дел од Кејот на Вардар доби нов лик. Направени се нови игралишта за фудбал и одбојка на песок, адреналински дел, скејт парк, детско игралиште, засадено е ново зеленило со систем за наводнување, а се постави и соодветна урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци, паркинзи за велосипеди) и јавно ЛЕД осветлување.

 

Не станува збор за никаква злоупотреба на европски пари. Впрочем, општина Карпош немаше да биде меѓу институциите кои најчесто добиваат средства од европски фондови, ако имаше некакви злоупотреби.

 

Како резултат на расипничкото и криминално работење во минатото, кое е причина за големата задолженост на Карпош, локалната самоуправа денеска примарно користи средства од Европската унија и други меѓународни организации.

 

И ова е начинот по кој Карпош продолжува понатаму. Зголемувањето на зеленилото и заштитата на животната средина се наши приоритети и прашања за кои е потребен општ консензус.