Граѓаните на општина Карпош имаат законски  механизам да делуваат и да учествуваат во постапката на носење на Нацрт ДУП – от за Градска четврт З 04, блок 5. ВМРО – ДПМНЕ продолжува со лагите дека ќе се урива Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Сепак, опозициската партија денеска го презентираше и своето предизборно сценарио за утрешниот ден. ВМРО – ДПМНЕ најави организација на насилни протести, на креирање на хаос и спречување на јавната презентација, која е дел од постапката за носење на ДУП – от.

 

Општина Карпош во ниту еден случај не ја загрозува транспарентноста при носењето на сите детални урбанистички планови.

За Нацрт Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, блок 5 отворена е јавна анкета, од 05.08.2021 до 06.09.2021. Секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот, граѓаните на Карпош можат да доставуваат анкетни листови, со свои предлози и забелешки за посочениот Нацрт ДУП.

 

Општина Карпош нема да го попречи правото на ниту еден граѓанин да поднесе анкетен лист и да учествува на јавната презентација. Но, организираното носење на партиски членови од повеќе општини и подигнувањето на тензии има за цел да придонесе кон насилни сценарија во Карпош и попречување на работата на општинската администрација. Утре, ВМРО – ДПМНЕ сака да ја повтори сликата од јавната презентација за ДУП – от за Трнодол.

 

Ги повикуваме сите граѓани, граѓански организации и медиуми да не подлегнат на притисоците и во мирна и толерантна атмосфера да ја проследат јавната презентација од стручните служби.

Јасно е дека ВМРО – ДПМНЕ креира кризи на повеќе фронтови, со цел да претстават нефункционалност на сите нивоа на власт.

 

Општина Карпош во ниту еден случај нема да дозволи насилство и ќе преземе сè што може за нормално спроведување на јавната презентација.