Најмладите карпошани знаат  одлично и да пејат. Ова, тие денеска, го докажаа претставувајќи се на хорскиот натпревар помеѓу десетте основни училишта на територија на Општина Карпош кој се одржа во Драмскиот театар – Скопје.

Пред многубројната публика, хористите предводени од своите ментори, преку класично пеење го презентираа досега  совладаниот материјал по хорско пеење во текот на учебната година. Ваков  натпревар се одржува прв пат оваа година и тоа во организација на Секторот за дејности од јавен интерес при локалната самоуправа.

Жири комисијата составена од членови од Македонската Опера и Балет,  беше во состав: Валентина Димитриевска, Ристе Велков и Ѓурѓица Дашиќ.Тие имаа навистина тежок избор, пред да одлучат кои ќе бидат трите пласирани училишни  хорови на првиот ваков натпревар. Според нивната одлука, третото место го поделија основните училишта „Петар Поп Арсов“ предводен од менторот Дејан Миленковски и „Вера Циривири Трена“, под менторство на Александар Панајотов. Поради тесниот избор, жири комисијата од МОБ одлучи и второто место да го поделат и тоа хористите од ООУ „Војдан Чернодрински“ со менторот Милованка Гуревска и од ООУ „Јан Амос Коменски“ под менторство на Марија Златановска, додека пак првото место припадна на хорот на ООУ „Владо Тасевски“ предводен од менторот Елизабета Станоевска.

 

Раководителката на Секторот, Анета Марковска-Илиевска, образложи за културниот проект кој е дел од Програмата за образование на локалната самоуправа.

-На овој начин учениците имаат можност да го прикажат сето она што го работеле досега, со тоа што секој од училишните хорови се претставува со по една класична, или  народна композиција,  во зависност од нивниот избор и секако од изборот на нивниот ментор. Дел од нив има придружба на инструмент, а пак дел од училишните хорови  имаат и солистички настап. Верувам дека тоа што ги помагаме секоја година, е придонес овие таленти да имаат високи резултати и на градските или дражавни првенства, и ќе продолжат да се занимаваат со хорското пеење. Со тоа тие имаат можност достојно да ја претставуваат, пред се општината, а секако и својата држава надвор од границите. Се надевам дека  овој натпревар ќе прерасне во традиција – рече раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес.

Паричната награда за менаторите на секој училишен хор ќе биде мал поттик за што повеќе вложување и едукација на талентираните ученици од основните училишта во Општина Карпош.