БОГОЕВ: СО ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И СИСТЕМСКИ ПРОМЕНИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА
- април 13, 2021
- 0
Во рамки на проектот „Корупција? Не во мојата општина!“, неколку месеци наназад, општина Карпош беше една од општините во која се даваше бесплатна правна помош на граѓаните, а истите беа информирани и за начините како да препознаат и да пријават корупција.
Станува збор за проект, којшто беше спроведен од Коалицијата „Сите за правично судење“, а со поддршка на Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ) и USAID. Исто така, беа зајакнати и капацитетите на администрацијата за борба со корупција, а се подготви и План за интегритет на општината, кој треба да биде одобрен и од Советот на општина Карпош.
На завршната онлајн дискусија за проектот учествуваа повеќе засегнати страни, претставници на граѓански организации, градоначалникот Стефан Богоев, како и координаторите на советничките групи, Филип Даскаловски (СДСМ и коалиција) и Тони Јаревски (ВМРО – ДПМНЕ и коалиција).
- Довербата може да се зголемува само со системски промени. Затоа, општина Карпош назначи и лице за интегритет, за заштита на укажувачи, кое е достапно и на нашата веб страна. Дополнително, ја унапредуваме дигитализацијата на јавните услуги, која значи и помало човечко влијание врз процесите, а со тоа и помал простор за корупција. Па така, преку мобилната апликација „мЗаедница“ карпошани комуницираат директно со секторите, а ќе можат и да аплицираат за субвенции, да поднесуваат барања за еднократна парична поддршка и сл., рече Богоев.
Според Фондацијата отворено општество, Општина Карпош стана една од омилените партнери на невладините организации поради ваквиот вид на отворена соработка, која непрекинато одржува континуитет и посветеност во отворањето и надминувањето на споменатите проблеми.
Наодите од истражувањето (анкетата) на Коалицијата за првично судење, покажаа дека урбанизмот е една од трите најчести области за кои граѓаните барале правна помош. По спроведеното истражување, 30 % од жителите сметаат дека градежната ескпанзија е најголем проблем, 10 % невработеноста, а 8 % безбедноста.
Ако се лоцираат можните извори и ризиците од корупција, како што истакна Дарко Аврамовски од Колацијата, тие се наоѓаат во преголемите ингеренции кои ги имаат надлежните државни институции, некои постојни системски закони, подзаконските акти, законот за урбанистичко планирање, за експропиријација, за зеленило кој не е мотивирачки за единиците на локалната самоуправа и Законот за финансирање на ЕЛС кој, каков што е, дури ги поттикнува градежните активности како општините би опстоиле.
Според панелистот Кирил Ристовски од „Флорозон“ исклучително е важна можноста граѓаните да учествуваат во носење одлуки на локално ниво преку трите клучни права што ги имаат: Право да знам, право да одлучувам и право за правда (односно пораво да бидам заштитен).