БОГОЕВ: ПРАЗНУВАЈЌИ ОДГОВОРНО, ВЛОЖУВАМЕ ВО ПОСРЕЌНА 2021
- декември 31, 2020
- 0
На крајот сме на една исклучително тешка година. Светската пандемија на КОВИД – 19 ги окупираше нашите животи и го промени нашето секојдневие.
Изминува година во која бевме под полициски час, со празни улици и паркови, а сирените на итната помош беа најчестиот звук по улиците…
Многу наши сограѓани изгубија свои блиски. Многу здравствени работници ја покажаа својата храброст и продолжија да се борат.
2020 е година во која научивме дека нема ништо поважно од здравјето! Нема ништо позначајно од тоа да си здрав и опкружен со оние кои ги сакаш.
На крајот од оваа година, повеќе од било кога претходно имаме право да си посакаме посветли моменти, повеќе дружби и позитивна енергија.
Факт е дека здравствената криза влијаеше во нашето работење, како и во динамиката на реализација на проектите.
Последиците од пандемијата ќе бидат долготрајни, но со сите сили се фокусираме на реализација на нови проекти.
Ни претстои година во која ќе се комплетира изгледот на големиот парк долж Вардар; конечно ќе започне реконструкцијата на салата „Партизан“, како и обнова на плочникот во Порта Влае.
Бидете убедени дека и во претстојните 365 дена ќе бидеме ваш партнер и поддршка, затоа што изминатата година докажавме дека локалната самоуправа е најблиската власт до граѓаните.
Драги мои карпошани,
Ви посакувам СРЕЌНА НОВА 2021 ГОДИНА. Имајте добро здравје, водете грижа за себе и за своите блиски.
Ве повикувам на одговорно одбележување на празниците! Додека ние наздравуваме за нов почеток, здравствените работници ќе бидат дежурни по клиниките и ќе спасуваат животи.
Да мислиме и на нив, на нивните деца и семејства.
Празнувајќи одговорно вложуваме во побезбедна и посреќна, 2021 година.