Градењето на поефикасна локална самоуправа, осврт на целокупната политичка рамка и  меѓувладините односи се причина за дводневниот состанок – Ден на проширување / Enlargement day на Заедничкиот консултативен комитет – Европски комитет на региони, во Брисел, Белгија, на кој присуствува и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со градоначалници на други општини од Република Северна Македонија.

Во текот на првиот ден од состанокот, се одржа тематска дебата за јакнење на доброто владеење, при што за општините во Република Северна Македонија беше истакнато дека е потребно да  постои  поефективен и поефикасен систем на локална самоуправа, како еден од клучните показатели коишто треба да се земат предвид при проценка на степенот на усогласеност со политичките критериуми за пристапување кон Европската Унија.

Во панел дискусијата, се приклучи и градоначалникот Богоев кој зборуваше за  актуелните состојби со кои се соочени општините во нашата држава, начинот на финансирање на истите и предизвиците кои претстојат.

Општина Карпош е пример на единица на локална самоуправа која има успешна соработка со Европската Унија во реализацијата на повеќе значајни проекти. Токму минатата недела, беше отворена целосно нова градинка во Бардовци, која е финансирана од ЕУ. Исто така, Општината е во постапка на изведба на Спортско –  Адреналински парк, при што е добиен грант од Европската Унија, а ќе се спроведува преку  Светска Банка.

Во текот на вториот ден од состанокот, ќе се одржат дискусии на тема: Дали ЕУ финансирањето шири демократија и владеење на правото, а ќе стане збор и за локалниот социо – економски развој. Како панел дискутанти ќе се обратат Карл Хејнц Ламбертц, претседател на Европскиот Комитет на региони, Џорџе Чиамба, министер делегат за европски прашања (Романско претседателство на Советот на ЕУ), градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, европскиот комесар за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан и др.