Завршен е содржинскиот дел од Спортско – адреналинскиот парк, при што на крајот на летото очекуваме негово пуштање во употреба и можност да го користат сите граѓани, изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, во гостување во утринската емисија „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

 

Десетина луѓе веќе се обучени за инструктори, во рамки на адреналинскиот дел. Ќе бидат ангажирани и лица од Спортско – качувачката федерација на Македонија. Во рамки на паркот се засадија и 70 висококвалитетни дрвја, 30 украсни растенија, а поставен е и систем за наводнување.

 

Карпошани ќе имаат можност да се рекреираат во адреналинскиот дел, игралиштата за фудбал и одбојка на песок (со трибини), детско игралиште, скејт парк, сквер, тениски терени и спортско – качувачката карпа.

 

На прашање на новинарката, Богоев посочи дека оваа рекреативна зона ќе се надоврзе на зеленилото до бунарите на р.Лепенец, кај мостот „Газела“. За продолженитети на овој парк, Град Скопје го подготвува основниот проект.

 

Во утринската емисија стана збор и за други актуелни проекти во Карпош: крајот на изведбата на Спортско – рекреативниот центар во училишниот двор на „Лазо Трповски“, двосменската работа на комуналните служби за одржување на зеленилото, подготовките на локалната самоуправа за почеток на учебната година и др.