БОГОЕВ: ЕНЕРГЕТСКАТА ЗАДРУГА НОСИ ЕКО – ПРИДОБИВКИ, НО И СОЦИЈАЛНО – ЕКОНОМСКИ БЕНЕФИЦИИ
- февруари 10, 2021
- 0
Карпош е на пат да ја добие првата енергетска задруга во Македонија. Имено, локалната самоуправа за овој проект аплицира со здружението „МилиЕУконтакт Македонија“, на меѓународниот повик на Германското федерално министерство за животна средина. Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ објасни што всушност ќе се добие со овој проект и кој се ќе има бенефит од него:
– На покривот на училишето „Братство“, ќе се постават фотоволтаици. Се прави мини – фотоволтаична централа која ќе ја управува енергетска задруга, и која воопшто не зрачи и не пречи никому. Задругари, односно членови на таа задругата ќе бидат 100 социјално ранливи категории од Општина Карпош. Парите ги добиваме за централата како грант, а деловите, уделите од неа ќе им се поделат на 100-те најзагрозени социјални семејства во Карпош, кои практично нема да треба да вложат сопствени средства, но затоа пак, во иднина, ќе можат да остваруваат приход од оваа фотоволтаична централа, изјави градоначалникот Богоев,
-Енергетската задругата е здружение во кое може да се поврзат индивидуалци – граѓани, минимум пет, или минимум пет правни субјекти, или пак цела заедница на станари (куќен совет). Притоа, тие можат да инвестираат пари и да постават фотоволтаици на покривот на својата зграда и заедно да го делат профитот од тоа што ќе приходуваат. Придобивките од поставените фотоволтаици не се само во делот на заштедата која неминовно ќе ја остварат во потрошувачка на електрична енергија, туку ќе заштедат и во потрошувачка на топла вода. Со поставувањето фотоволтаици задружниците ќе добијат и две броила (влезно и излезно) и ќе можат, доколку произведуваат повеќе струја од нивните потреби, вишокот да го продаваат на слободен пазар.
Богоев во утринската емисија зборуваше и за потребата од измени во начинот на финансирање на локалната самоуправа.
-Сметаме дека е нелогично, како досега, доминантно, општините да се финансираат од такси за уредување на градежно земјиште, попознати како „комуналии“ кои се плаќаат при градба на куќа или зграда. Тоа натаму ја диктира политиката во начинот на функционирање на Општината, така што станува врзан круг. За поголеми приходи, за да соберат повеќе пари, општините треба да продуцираат поголема градба. Од друга страна, пак, кога продуцираат повеќе градба тоа подразбира дека има потреба и за поголемо вложување во улици, водоводи, канализации, се ицрпуваат капацитетите по градинките и училишта. Тоа е еден затворен круг кој на крајот е нелогичен од аспект на намалување на агресивното градење и потребата од помали трошоци. Никаде на Запад, во развиените земји, локалните самоуправи доминанто не се финансираат од такса за уредување на градежно земјиште. Напротив, се финансисраат од поголеми ставки, од стабилните приходи. Тоа се даноците.
-Конкретно зборувам за поголемиот дел од данокот, кој веќе се плаќа, да оди во општините: од ДДВ-то, поголем дел од средствата од данокот на игри на среќа. Еве, кај мене, граѓани од Порта Влае реагираат дека има многу отворени обложувалници, коцкарници, казина… Зошто тоа да не значи и повеќе пари за општината? Тогаш граѓаните ќе знаат дека со тоа се прибираат пари, кои ќе се наменат за нивен интерес, односно за решавање на нивните проблеми, рече градоначалникот на Карпош.
Во завршниот дел, тој се осврна и на фактот дека се работи на предлог – решението, регулирање на паркирањето во Карпош 1 и Карпош 2. Имено, граѓаните од овие населби се изјаснија „ЗА“ воведување на зонско паркирање и тоа ќе се спроведе.
Богоев истакна дека до општината пристигнале иницијативи да се спроведат анкети за регулација на паркирањето и за делот околу „Млечен“ и Влае.
Општината ќе ги спроведе овие теренските анкети во претстојниот период.