БОГОЕВ ВО ПОСЕТА НА САД: ДЕМОКРАТСКОТО ВЛАДЕЕЊЕ – КЛУЧНО ЗА НАПРЕДОК НА ЗЕМЈАТА
- септември 22, 2021
- 0
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев е во неколкудневна посета на Вашингтон, Соединетитите Американски Држави (САД), во рамки на Програмата за размена на политички лидери меѓу Северна Македонија и САД, спроведена преку Американскиот совет за млади политички лидери (ACYPL), а на покана на Амбасадата на САД во Скопје.
Учесниците разменуваат искуства на повеќе релевантни теми: демократско владеење, креирање на политики, улогата на жените во политиката, изборен и правосуден систем и активно граѓанство.
Градоначалникот Богоев беше говорник во сесијата посветена на актуелните случувања во Македонија. Тој се осврна на Пописот, чие спроведување е во тек, претстојните локални избори, справувањето со КОВИД – 19 пандемијата и сл.
- Во сите овие процеси локалните самоуправи претставуваат важна „алка“. Општина Карпош редовно ги вклучува граѓаните во креирањето на локалните политики. Затоа што само на тој начин се обезбедуваат решенија и мерки кои вистински одговараат на потребите на граѓаните, рече Богоев.
Една од панел – сесиите беше посветена и на економските и трговски односи меѓу Северна Македонија, земјите членки на Европската унија и НАТО.
Говорниците заклучија дека членството на Македонија во НАТО придонесе за поголема стабилност на државата, но и регионот, а Алијансата придонесува и за економско зајакнување на земјата.
Македонската делегација имаше можност да размени искуства со Paul McCarthy, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт (IRI), како и со повеќе претставници на државните институции и граѓанското општество.