БОГОЕВ: ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО – КЛУЧНО ЗА ДА ГИ ЗАДРЖИМЕ МЛАДИТЕ
- септември 12, 2021
- 0
После мојот избор за градоначалник, во голема мера се фокусирав на мојата комуникација преку социјалните мрежи, особено на Facebook, Twitter, Instagram, каде што имаме стапка на возвратен одговор од околу 97 % на сите канали. Но, јас го користам моето време исто така да бидам во различни населби низ општината, па луѓето знаат дека можат да дојдат до градоначалникот во било кое време, да добијат повратен одговор, па дури понекогаш да биде и негативен.
И негативниот одговор е одговор, и таа двонасочна комуникација мора да постои, истакна градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој учествуваше на регионалната конференција во Белград (Србија), во организација на меѓународниот центар „Улоф Палме“.
Овој регионален настан обедини повеќе политичари од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Шведска, како и претставници на граѓанското општество.
Градоначалникот Богоев учествуваше на панелот каде што говореа и парламентарци од Босна и Херцеговина и Србија. Тој се осврна и на актуелните политички случувања во Северна Македонија, на демократските процеси, како и на владеењето на правото.
„Ние, во целиот регион треба да работиме интензивно на спроведување на апсолутно владеење на правото. Тоа е коренот на сите проблеми и младите во голема мера си заминуваат од Балканот, не само заради невработеноста, туку затоа што не можат да ја поднесат неправдата во системот“, истакна Богоев.
На конференцијата учествуваше и поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, кој зборуваше за развојот на државата и предизвиците со кои се соочува.