Карпошанката Маја Бошкоска, водач на првата македонска женска експедиција на Хималаите, вчера, свечено му врачи плакета на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски во знак на благодарност од Федерацијата на планинарски спортови за поддршката која Општина Карпош ја има ја дадено низ годините за сите  планинарски експедиции.

Во свое име, но и во име на тричлената женска експедиција, Александра Герасимова исто така од Карпош и Ана Грбиќ од Битола, таа се заблогодари за финансиската поддршка што локалната самоуправа им ја даде за нивниот проект, последниот планинарски предизвик, освојувањето на врвот Мера Пик 6476м во Непал, која ја спроведоа во периодот од 3-ти до 20 октомври минатата година.

Бошковска во разговор со општинскиот татко ги евоцираше сите спомени од оваа , како што вели, голема седумнаесетдневна авантура, кога ги освојуваа врвови со вечен снег, овој пат врвот со најубава панорама.

–          Нам, вели младата и храбра Маја, предизвик ни се височините. Но, она што го извлековме како животна поука од постарите наши планинари, но и како сопствено искуство е дека на планина не се оди со било кој. За сето ова време акумулирав искуство, ја барав “вистинската екипа”. Се оди со пријатели кои ќе ви бидат стабилна ментална и физичка потпора во секој миг . Тоа е главната лекција која ја научив од мојот прв високогорски успех на Мон Блан-Алпи 2011 година.  Искуството од оваа експедиција беше од есенцијална важност за сите кои следуваа.

Пред „хималајскиот подвиг“  и по него, зад Маја и членките на првата македонска хималајска експедиција се бројат низа планинарски освојувања,  Веднаш по Алпите, вели младата карпошанка, ми се роди идејата за женска експедиција, но, до нејзината реализација поминаа повеќе од пет години. Во меѓувреме, се случија многу други експедиции,  Гран Парадизо во Италија, зимско искачување на Триглав, Казбек во Грузија.

  Но, она што ја окупира Маја, храбрата авантуристка од Карпош се идните планинарски потфати. Колку и да не се предизвик само височините, сепак таа цели високо, по некоја „илјадарка“ погоре. Следните планови и се  „освојување“ на Аконкагва 6.961 метри, највисокиот врв во Америка и организирање на Прва Балканска женска хималајска експедиција “Манаслу 8163 метри” во Непал.