Во духот на коледарската традиција и Божиќните празници, Општина Карпош се приклучи на настанот “Бадникови поворки 2018”.

Повеќе од 150 деца, ученици од основните училишта на територија на Карпош, придружувани од своите родители и наставници активно учествуваа на денешното бадниково дефиле кое ги обедини учениците од сите скопски општини.

 

Топло и коледарско добредојде им упати градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Во дворот на Општината, присутните имаа можност празнично и неформално да разговараат со него, да ги споделат своите желби и замисли на личен план, како и нешта кои посакуваат да се случат во Карпош во Новата година.

 

Градоначалникот Богоев им ги честиташе Божиќните празници на најмладите карпошани и на нивните родители, како и на присутните просветни работници.

 

-Во Новата 2018 година, да бидете успешни и самостојни. Со Вашата младост и енергија да им пркосите на пречките од секој вид, а Општината е таа која ќе биде ваш партнер и поддржувач, рече Богоев.

 

Младите карпошани потоа се упатија кон централното градско подрачје каде ќе имаат шанса да се дружат со познатите македонски поп пејачи и пејачки, спортисти и глумци. Пред присутните граѓани ќе го претстават и музичкиот перформанс којшто учениците го подготвуваа во изминатиот период.

 

Во овие моменти, кога споделуваме среќа и радост со најблиските, добро е да се потсетиме и на оние кои се осамени или напуштени и да бидеме хумани.

 

Општина Карпош и во претстојната 2018 година ќе подава рака кон сите граѓани. Системското и трајно решавање на проблемите е наш приоритет, а заедно со граѓаните ќе градиме модерна, услужна и зелена општина.