Општина Карпош ги повикува сите заинтересирани граѓани (индивидуални домаќинства за домување), заедници на сопственици (куќни совети), како и приватни установи кои имаат инсталиран систем за греење на обновливи извори на енергија (ОИЕ), да се пријават и да бидат дел од евидентирањето на одржливи системи за греење.

 

На сопствениците на ваквите системи ќе им биде доделен зелен сертификат, кој претставува признание за нивниот конкретен придонес во заштитата на животната средина и намалување на аерозагадувањето во Карпош.

 

Исто така, општинските служби при Одделението за енергетска ефикасност прават дополнителни напори, за сите пријавени субјекти (индивидуални домаќинства – куќи и колективни објекти за домување – згради) да бидат обезбедени и штедливи ЛЕД светилки (за нивниот дом или влез), како награда за покажаниот висок степен на одговорност.

 

Сите оние кои имаат инсталиран котел на пелети, инвертер, топлинска пумпа, сончеви топлински колектори, фотоволтаици или комбинација од наведените системи имаат можност да се приклучат кон оваа иницијатива.

 

Кампањата „Обележување на 100% одржлив систем за греење“ има за цел да ги мапира објектите кои веќе имаат инсталиран систем за греење на обновливи извори на енергија. Овие активности се спроведуваат во рамките на проектот „REPLACE“, финансиран од Програмата за истражување и иновации на Европската унија, „HORIZON 2020“.

 

Линк до пријавата:

https://bit.ly/3DN1B3F