АДМИНИСТРАЦИЈАТА НА КАРПОШ ДАРУВА КРВ, ДА БИДЕМЕ ХУМАНИ
- октомври 29, 2020
- 0
Општина Карпош спроведува крводарителска акција во пресрет на Денот на Општината (03. ноември). Почитувајќи ги протоколите и заштитните мерки, денеска, 35 службеници од Карпош ќе донираат крв за оние на кои им е најпотребно. Акцијата се спроведува во соработка со Црвениот крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.
Локалната самоуправа својот роденден го одбележува преку хуманитарни активности, акции за засадување на нови дрвја и креативни работилници за најмладите.
Во изјавата за медиуми, градоначалникот Стефан Богоев се заблагодари до сите кои ја покажаа својата хуманост, солидарност и во овие исклучителни мигови даруваат крв:
– Многу наши сограѓани се борат со Ковид – 19 и потребна им е крвна плазма од оние кои го прележале вирусот, но на Клиника има и многу пациенти на кои им се потребни овие „стандардни“ крвни единици, рече Богоев.
Тој ја искористи оваа прилика и да испрати повик до граѓаните, но особено до младите, имајќи предвид дека Карпош е општина со голем број на заболени лица од коронавирусот.
– Ги повикувам младите на одговорно однесување. Носете маска, држете дистанца и не се групирајте. Така ќе си помогнете себе си, но ќе помогнете и на своите родители, баби и дедовци. Денеска, навременето детектирање на вирусот, изолацијата, искрената комуникација со здравствените власти претставуваат одговорно однесување.. истакна градоначалникот.
Деновите на Општина Карпош продолжуваат и со акција за засадување на дрвја, бришење на несоодветни натписи и номинирање на заслужен граѓанин за 2020 година.