Големата посветеност и ентузијазмот на играчите и управата придонесе кошаркарскиот клуб „ТФТ“, од следната сезона да биде дел од Првата македонска кошаркарска лига. Ситуацијата со Ковид-19 ги прекина лигите, а „ТФТ“ како првопласирани од втората лига директно се пласираа во друштвото на најдобрите.

 

По овој повод, денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се сретна со претседателот на клубот, Боро Смилковски и со спортскиот директор, Јован Марковски.

 

Станува збор за клуб кој се создаваше и развиваше по природен пат, а не беше вештачки наметнат. Имено, „ТФТ“ влезе во првата лига благодарејќи на борбената игра на играчите, работата на управата и позитивната енергија која ја добиваа од публиката во Тафталиџе.

 

Градоначалникот Богоев им честиташе за постигнатиот успех и посочи дека Општина Карпош ќе ја разгледа можноста за евентуална поддршка на клубот:

 

  • Вие сте симбол на Тафталиџе и успехот е ваш, затоа и вредноста на истиот е поголема. Како локална самоуправа целосно го променивме начинот на поддршка на клубовите, пред сé, ставајќи акцент на младинските категории, рече Богоев.

 

Претставниците од клубот ги презентираа своите планови за претстојната сезона. Тие зборуваа за фактот дека првата лига носи нови предизвици, поинаква организација и пристап кон тимското работење.

Тие, со градоначалникот зборуваа и за спортската инфраструктура во Карпош, при што ја поздравија изведбата на Спортско – рекреативниот центар во Карпош 3 (во дворот на ООУ „Лазо Трповски“), каде што се работи на нов терен за кошарка (со 2 кошови), фудбал, сервис, ракомет, фитнес дел и детско игралиште.