,,АВРАМ ПИСЕВСКИ” – ПОБЕДНИК НА ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ НА ,,КАРПОШ ИМА ТАЛЕНТ”
- октомври 29, 2024
- 0
По повод 48 годишното постоење на Општина Карпош, вчеравечер, во Драмскиот театар, се одржа десеттата по ред традиционална манифестација ,,Карпош има талент” која е во организација на Секторот за дејности од јавен интерес. Со свои театарски изведби, музички перформанси и танцувачки способности, учениците од десетте основни училишта на Општина Карпош, на јубилејната манифестација ,,Карпош има талент”, се представија пред многубројната публика. Во преполната сала каде одекнуваа воздишките и силно се чувствуваа емоциите, младите карпошани создадоа атмосфера која доликува на едно динамично шарено детско шоу. Во него тие го покажаа својот раскошен талент, презентирајќи ги своите уметнички перформанси како актери, пејачи и танцувачи.
Притоа, сите учесници на бината настапија со прекрасна кореографија и беспрекорна сценска изведба, со што му дадоа тешка задача на стручното жири кое требаше да ги прогласи трите најталентирани изведувачи. Оттука, жирито кое го сочинуваа музичарот Андреј Ѓорѓиески, кој е член на групата ДНК, Александра Никифоровски, балетски педагог и кореограф од балетското студио Булфрогс, Марина Ивановска, професор по македонски јазик литература во СУГС ,,Георги Димитров”, како и Гордана Ивановска Велковска и Невена Георгиевска, членови на Советот на Општина Карпош, одлучи првото место да го доделат на ООУ ,,Аврам Писевски” кои настапија со ромски танц-чочек ,,Чае Шукарие”. Второто место го поделија учениците од ООУ ,,Димо Хаџи Димов” и ООУ ,,Петар Поп Арсов”, кои во изведба на групни музички перформанси ги воодушевија присутните. Третото место го поделија ООУ ,,Владо Тасевски” со изведба на краток скеч и ООУ ,,Братство”со музичко сценски настап.
За оваа намена, Општина Карпош обезбеди и финансиска поддршка, како еден вид награда за најталентираните уметнички изведувачи.