КАРПОШ КАКО ПРИМЕР: КВАЛИТЕТНИ ПОЛИТИКИ – УСЛОВ ЗА ЗДРАВИ ОПШТИНИ
- октомври 1, 2019
- 0
„Здравјето во нашите урбани политики – колку се здрави нашите градови“ беше темата на дискусија на денешната тркалезна маса во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на која учествуваше градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Целта на денешната дискусија беше да се направи поврзување меѓу креаторите на политики на централно и локално ниво, планерите и архитектите, здравствените работници, академската фела и граѓанскиот сектор, пред носењето на буџетите за 2020 година, но и да се презентираат одредени позитивни практики.
„Прашалникот за здрава населба“ којшто Општина Карпош го имплементираше со Институтот за јавно здравје, во рамки на проектот INHERIT 2020 HORIZON е едно од позитивните искуства на локално ниво во процесот на вклучување на граѓаните во носење на одлуки.
Овој Прашалник, се имплементираше пред носењето на Буџетот за 2019 година, преку кој граѓаните имаа можност да ги мапираат главните проблеми во областа на животната средина, инфраструктурата, сообраќајот и социјални аспекти од живеењето. Голем број од посочените проблеми и предлози беа интегрирани во Буџетот за 2019 година.
Градоначалникот Богоев се осврна на овој Прашалник и на успешната соработка на Институтот за јавно здравје. Тој се осврна и на фактот дека локалната самоуправа продолжува да гради мостови на соработка со граѓаните.
- Карпошани беа вклучени во креирањето на Планот на активности за одржлива урбана мобилност, кој го подготвивме во рамки на Европската недела на мобилност. Жителиите доставуваа забелешки во електронска форма или преку пополнување на формулар, кој беше дел од општинскиот магазин „Карпош ИН“. Беа посочени повеќе проблеми за мобилноста во сообраќајот, потребата од повеќе вело патеки и слично, при што, овие забелешки помогнаа да направиме реален документ – патоказ за подобрување на мобилноста во Карпош, рече Богоев.
Дискусијата ја модерираше архитектката Даница Павловска, која ја начна темата и за урбанистичките предизвици со кои се соочени локалните самоуправи.
Богоев напомена дека и во овој дел Карпош направи чекор напред.:-Од период кога на јавните презентации за Предлог – Деталните урбанистички планови учествуваа само неколкумина граѓани, денеска имаме примери кога за истите се известува и по традиционалните, но и по новите медиумите, а и се поставуваат информативни флаери низ урбаните заедници.
Примарната цел е партиципативноста да овозможи повисок квалитет на одредена услуга, решение или проект, а вклучувањето на граѓаните да биде ефективно. Само така се задоволува целта на сите чинители, изјави градоначалникот на Карпош.
Свои излагања пред присутните имаа и академикот Таки Фити, претседател на МАНУ, проф. д – р Драган Ѓорѓев (од Институтот за јавно здравје), како и претставници од други ресорни министерства.