На новото игралиште во ООУ „Христијан Тодоровски – Карпош“, каде што се игра и турнирот „Сокол“, започнаа Училишните спортски лиги – 2019/2020 година. Станува збор за систем на натпреварувања меѓу десетте основни училишта, во текот на целата учебна година, во четири спортови: ракомет, фудбал, кошарка и одбојка.

Овие Училишни спортски лиги ги организира Одделението за спорт при Општина Карпош. Игрите се финансиски поддржани од локалната самоуправа, а примарната цел е да се негува спортскиот дух кај младите и да го развиваат својот талент.

                    Игралиштето „Сокол“ денеска беше исполнето до последно место. Учениците и нивните наставници по физичко образование со нетрпение ги очекуваат новите натпревари, навивањето на трибините, како и новите другарства меѓу учениците кои се остваруваат, меѓу другото, и  преку спортско „вмрежување“ на училиштата.

Градоначалникот Стефан Богоев денеска им посака успешни лиги на учениците и се осврна на големиот број проекти кои ги презема Општината, со цел да се подигне квалитетот во основното образование:

  • Се наоѓаме на новото игралиште „Сокол“, а започнуваме и со реконструкција на подот во ООУ „Владо Тасевски“. Покрај тековните реконструкции на простории во училишта, се грижиме и за ваш безбеден пречек пред училиштата, работиме на поставување на нови лежечки полицајци, доделивме стипендии за најдобрите ученици – спортисти, а овие денови ќе го објавиме и повикот за доделување стипендии на талентирани ученици.

Во тек е и проектот за ограничување на употребата на мобилните телефони за време на часовите. Се надевам дека учениците од повисоките одделенија нема да се лутат. Но, целта е да научите на час, а да ви остане повеќе време за спорт, дружење, учење на јазици, кафе, маалски живот и слично, рече Богоев.

Како локална самоуправа, продолжуваме секојдневно да го унапредуваме основното обраозование и да овозможуваме и што повеќе вонучилишни активности за учениците.