По финалните натпревари во одбојка за момчиња кои се одиграа денеска во малата сала на СЦ „Борис Трајковски во рамки на Државното првенство за основни училишта, тимот на ООУ „Петар Поп Арсов“ го освои второто место откако во последниот меч загуби од екипата на ООУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип, со 2:0 во сетови. Федерацијата на училишен спорт на Македонија го организираше Државното првенство во одбојка за основци, а домаќин на ова натпреварување беше екипата на ООУ „Петар Поп Арсов“ од Карпош, како актуелен победник на Скопскиот регион.

 

За престижното прво место покрај домаќините од Карпош, се натпреваруваа и одбојкарите од ООУ „Кирил и Методиј“ – Битола и основците од „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип. Во оваа пригода градоначалникот Стевчо Јакимовски официјално го прогласи завршниот турнир за отворен, при што нагласи дека им посакува пријатен престој на сите спортисти, кои денеска се натпреваруваат на одбојкарскиот терен во општина Карпош.

 

  • Нека победи подобриот тим, посакувам денеска да преовладува спортскиот дух и ферплејот и се надевам дека целиот свој живот ќе ги паметите овие моменти – додаде Јакимовски.

 

Натпреварите се одиграа по принципот „секој со секого“ каде што во првиот меч, одбојкарите на ООУ „Петар Поп Арсов“ ги совладаа своите ривали од ООУ „Кирил и Методиј“ од Битола, со 2:0 во сетови. Вториот меч, битолчани го загубија  од тимот на ООУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип, со идентичен резултат, 2:0 во сетови. Оттаму, на битолчани им припадна третата позиција, карпошани се изборија за сребро, додека пак екипата од Пробиштип се искачи на државниот одбојкарски трон.