Со поддршка на Секторот за развој од Општина Карпош во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, во организација на Црвениот Крст – Карпош, денеска во спортската сала на ООУ „Јан Амос Коменски“ се одржа еднодневна крводарителска акција, по повод 48 годишнината од основање на локалната самоуправа. Во таа насока, солидарните граѓани ќе имаат можност да ја покажат својата хуманост на дело, дарувајќи крв во периодот од 9 часот наутро, до 17 часот попладне.

Заради поголема промоција и ефикасност на настанот, Општина Карпош преку своите канали за комуникација го извести персоналот во детските градинки и основни училишта,  вработените во општинската администрација како и пошироката јавност, за терминот и локацијата каде ќе се одржи крводарителската акција.

Во рамки на оваа акција присуствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода изрази искрено задоволство од оваа хумана иницијатива.

  • Досега имаме организирано повеќе од 40 крводарителски акции и оттука сакам да упатам апел до сите граѓани да даруваат крв, бидејќи на тој начин им помагаме на луѓето на кои им е најпотребна оваа драгоцена течност. Хуманоста меѓу граѓаните како и развивање на свеста, медицинската култура и солидарноста треба да ги подигнеме на едно повисоко ниво. Во таа насока, ние како локална самоуправа денеска ја правиме оваа акција – посочи Јакимовски.

Инаку, локалната самоуправа како општествено одговорна институција изгради веќе 20 годишна традиција во промовирање и одржување на крводарителски акции започнувајќи од 2004 година, еднаш на пролет и на есен, поттикнувајќи ги на тој начин граѓаните да донираат крв и да бидат хумани.