Во име на општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски денеска им врачи „зелени“ сертификати и штедливи лед-светилки, на граѓаните кои се пријавија на јавниот повик, како дел од кампањата „100% одржливо греење“  за одбележување на употребата на одржливи системи за греење и ладење.

 

Имено, општина Карпош пред два месеца распиша јавен повик на кој можеа да се пријават сите заинтересирани граѓани, заедници на сопственици и управители на згради, кои во рамки на својот објект ќе вградат системи кои користат обновливи извори на енергија, наместо фосилни горива. На повикот се јавија околу 60 индивидуални домаќинства кои го имплементирале ова енергетско – одржливо решение.

 

  • Преку вас, сакаме да ги охрабриме и другите граѓани да користат обновливи извори на енергија. Овој процес не е тренд, туку потреба да го намалиме загадувањето и штетната емисија на гасови во атмосферата. Токму затоа, општина Карпош го спроведува овој процес речиси 13 години, со цел да ја одржиме здравата животна средина – истакна пред присутните, градоначалникот Јакимовски.

 

Инаку, кампањата се организира во рамки на проектот REPLACE во кој учествуваат трите скопски општини, Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров, а истиот е финансиран од програмата за истражување и иновации на Европската Унија – „Хоризонт 2020“.