Во пригодна и „камерна“ атмосфера, денеска, се одржа четвртиот по ред Божиќен шаховски турнир во општина Карпош. На традиционалниот меѓународен шаховски турнир кој е под покровителство на локалната самоуправа и во организација на шаховскиот клуб „Гамбит Ассеко“, беа пријавени 114 шахисти, од кои 107 успешно се натпреваруваа во оваа древна игра. Денешните учесници беа од повеќе европски држави: Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Полска и Македонија. Турнирот се рејтингуваше и се играше по Швајцарски систем на натпреварување, во девет кола, по правилата на ФИДЕ за забрзан шах. Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, го изрази своето задоволство што овој турнир од мал прерасна во поголем европски турнир, и по интересот за него, се приближува на големиот и етаблиран „Карпош Опен“. – Овој турнир прераснува во мало балканско првенство и мило ми е што трудот и средствата што ги вложивме во минатите години, придонесоа, ние како организатори да имаме голема репутација. Според она што можевме да го видиме од минатите години, се дружиме со квалитетни шахисти. Ова е само уште еден доказ дека сме на вистински пат и поддршката што ја даваме на овој спорт оди во вистинскиот правец. По завршувањето на овој турнир, потоа следуваат подготовките за „Карпош Опен“ кој треба да се одржи во март, а потоа, наесен и европското шаховско првенство, кое исто така е во наша организација и на кое се очекува да има повеќе од 800 шахисти. Јас сум уверен дека ниту една спортска манифестација нема да може да привлече толку многу спортисти на едно место, како ова – истакна Јакимовски. Исто толкаво задоволство од поддршката на шахот изрази и потпредседателот на шаховскиот клуб „Гамбит Ассеко“, Зоран Стојчевски, посебно што резултираше со завиден одзив на голем број шахисти на овој традиционален шаховски турнир, кој секоја година се одржува пред големиот настан „Карпош Опен“. -Оваа година куриозитет е што имаме играч и од Полска, но задоволство ни претставува што натпреварувачите се шахисти од повеќе држави во балканските земји. Ова е еднодневен турнир кој трае целиот саботен ден, со пауза од еден час помеѓу петтото и шесттото коло. Почетокот најавува успешен турнир со силна борба меѓу натпреварувачите. Имаме играчи како што се Кирил Ѓорѓиев кој што е минатогодишниот победник на „Опен Карпош“, тука се сите нашите репрезентативци, како и репрезентативци од околните земји како што се Србија и Бугарија. Оваа организација воопшто не е лесно да се подготви, но кога позади себе ја имате најспортската општина, општина Карпош, се изгледа поедноставно и лесно да се реализира – посочи Стојчевски. Турнирот беше суден од интернационалниот судија Иван Кочовски – главен судија и Сашко Лакински – помошник судија. Минатогодишниот победник на „Опен Карпош“, шахистот Кирил Георгиев, е победник на четвртиот Божиќен шаховски турнир за 2015 година. Во напната атмосфера, се одиграа сите девет кола по правилата на ФИДЕ за забрзан шах. Во организација на шаховскиот клуб „Гамбит Ассеко“ и под покровителство на општина Карпош, со вредни парични награди се здобија десет натпреварувачи и тоа: Садику Бедри од Косово на десетто место, на деветто Трајкоски Славе од Македонија, на осмо место Стојановски Дејан исто така од Македонија, на седмо место Миљкович Мирослав од Србија, на шестото место заврши Данов Љубомир од Бугарија, пето место за Јачимович Драгољуб од Македонија, четврто место за Сарачи Ндерим од Косово, Златанович Борољуб од Србија го освои третото место, вицешампионското место за Дренчев Петар од Бугарија и првото место за Георгиев Кирил од Бугарија. На овогодишниот празничен турнир, местото за најдобро пласирана жена го доби Моника Стојковска од Македонија, а најдобар младинец до 18 години за Лазов Тони исто така од Македонија. Новоселски Зоран од Србија го освои местото за најдобар ветеран S60, најдобар играч со рејтинг помал од 2100 за Ѓорѓиевски Јанчо од Македноја и за најдобар играч со рејтинг помал од 1900 за Мисини Бурханудин од Косово. Наградниот фонд оваа година изнесуваше 75.000 денари кој беше распределен на повеќе награди.

Слики погледнете на следниов линк:

picasaweb.google.com/109959713617936934773/ulQxgB

Facebook
Големина на фонт