СОВРЕМЕНИ ГРАДИНКИ И ЗГРИЖЕНИ ДЕЦА

 Инфраструктурното опремување на градинките и подобрување на условите за престој на најмладата популација во Карпош, од просторен и згрижувачки аспект, беа повод за денешната посета на министерката за труд и социјална заштита Мила Царовска на градинката „Орце Николов“ во Карпош 2.

Како што спомена министерката Царовска, градинките во Општина Карпош кадровски ќе се зајакнат, а со тоа ќе се овозможи поголема и поквалитетна грижа за децата.

Од наша страна пак, како што истакна градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, ние како Општина продолжуваме со постојано подобрување на условите во кои престојуваат најмладите.

Токму за градинката „Орце Николов“ предвидуваме повеќе санации и тоа: реконструкција на главната кујна и перална во управата на градинката во Карпош 3, подобрување на санитарно – хигиенските услови и реконструкција на тоалетите, како и тековната дезинфекција и дезинсекција за сите градинки.

Како покрупна инвестиција на полето на детската заштита и зголемување на капацитетите за сместување во Карпош е изградбата на целосно нова градинка во Бардовци, нагласи градоначалникот на Карпош.

-     Станува збор за средина во која до сега немавме градинка. Сепак, со поддршката од МТСП, како и од Европската Унија успеавме да го изградиме овој објект. Во процес сме на внатрешното опремување и уредување на градинката, со цел конечно да започне со работа и да згрижува дечиња. Исто така, вршиме надградба и на градинката “Мајски цвет” во Тафталиџе 2, каде што ќе се добијат уште четири нови занимални и дополнителен простор од 150 метри квадратни. Како Општина Карпош продолжуваме со подобрување на условите во кои престојуваат најмладите, а убеден сум дека и партнерскиот однос со МТСП и министерката Царовска ќе продолжи и во претстојниот период.

Дека станува збор за вистинско подобрување на условите во градинките  и  во квантитет и во квалитет, односно што поголем опфат на деца, како и ангажирање на оптимален број на негувателки и воспитувачи, рече министерката Царовска, говори фактот што само вчера од страна на Министерството беа потпишани 126 согласности за вработување на негователки и воспитувачки, од кои 17 согласности, односно вработувања, се одобрени само за Ооштина Карпош.

Она што посебно сакаше да го нагласи ресорната министерка е дека во нејзиниот мандат ќе се тежнее да се достигне 50% опфатеност на децата од три до шест години во преучилишни установи, а европските тенденции се  опфатеноста на дечиња во градинки да достигне 98 до 100% , што во догледен период од десетина години не е недостижна цел.