СО ПОДОБРА ИСХРАНА ДО ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ НА ДЕЦАТА

 Општина Карпош, преку овластеното лице за контрола и безбедност на храна М-р Ирена Калајџиева – Милевска, учествуваше на работилницата со наслов ,,Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба“. Едукативниот настан се одржа минатиот петок во ТЦЦ „Гранд Плаза“, во организација на НВО „Студиорум“, под покровителство на УНИЦЕФ, Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика.

 

На почетокот на работилницата, воведен збор имаа проф. д-р Рената Дескоска, Министер за образование и наука, М-р Мила Царовска, Министер за труд и социјална политика, заменик министер за здравство Гоце Чакаровски и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Паркс. Во своето обраќање, сите едногласно се согласија дека правилните навики за исхрана на децата започнуваат во предучилишните, а продолжуваат во училишни установи и тие остануваат во текот на целиот живот. Токму заради тоа, вакви работилници се добар почеток за менување на свеста за правилна исхрана кај најмладата популација, како на институционално, така и на индивидуално ниво.

 

Работилницата ја водеа д-р Игор Спировски од Институтот за јавно здравје, проф. д-р Валентина Павлова, декан на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ во Битола и дипломираниот нутриционист, Надица Илиевска. На присутните им беа презентирани научните истражувања за исхраната на децата во градинките и основните училишта, упатството за правилна примена на Правилникот за стандардите на исхраната и оброците, креирање на менија, како и внесување новини во старата нормативна регулатива.

 

Во работните групи, учесниците ги искажуваа своите експертски ставови и мислења кои беа ставени во завршниот заклучок на документот, кој ќе биде приложен до ресорните министерства. Со преземање на оваа иницијатива, се очекува да започнат реформите во сите општини во Република Македонија.