СОРАБОТКА НА КАРПОШ СО ФЛЕРИ – СУР – ОРН ВО „КРЕАТИВНИ ВОДИ“

 Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денес имаше работна средба со претставнички од Европската Асоцијација за Локална Демократија – АЛДА Скопје, која е координатор на проектот за соработка помеѓу францускиот регион Нормандија и Република Македонија.

На средбата се разговараше за продолжување, но и продлабочување на соработката меѓу Општина Карпош и општината Флери – сур – Орн од Нормандија.

Во изминатиот период беа реализирани повеќе размени меѓу овие општини, а соработката е заснована на повеќе полиња: млади, граѓанско учество, уметност, културно наследство и занаетчиство.

Богоев потенцираше дека меѓународната соработка е важна за Општина Карпош, но, потребни се нови, креативни идеи и начини преку кои истата ќе се реализира на поиновативен и потемелен начин.

-       Сакаме соработка која ќе биде во вистински интерес на граѓаните. Ние би сакале, а и ќе работиме на тоа, преку нашето партнерство да се реализираат и конкретни проекти кои би биле видливи и корисни за карпошани, рече Богоев.

На денешниот состанок стана збор и за евентуална соработка меѓу општините во сферата на заштита на животната средина и ракување со отпад. Франција е една од земјите – лидери во поглед на селектирање на отпадот и негово „паметно“ искористување и преработка.

Градоначалникот на Карпош нагласи дека во овие меѓународни (меѓуопштински) соработки потребен е поголем ангажман и инволвираност на двете страни, при што пожелно е да се оствари трансфер на знаење и искуства како меѓу учениците од основните училишта, така и меѓу наставниот кадар. На тој начин ќе се преземат успешните практики од образованието и социјалната заштита од Нормандија, која е еден од 18-те региони во Франција, и ќе се имплементираат кај нас.

Претставничките од АЛДА Скопје изразија задоволство од позитивниот пристап на Општината и од заложбата за продлабочување на соработката со Флери – сур – Орн.