ПРОЧИСТУВАЧИ НА ВОЗДУХ ЗА СИТЕ УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ ВО КАРПОШ

  На  денешната  седница на Советот на Општина Карпош, советниците дискутираа по вкупно   12 точки на дневниот ред.

 

Советниците од Општина Карпош дадоа согласност за набавка на прочистувачи на воздух за потребите на сите јавни установи – општински детски градинки и општински основни училишта.

 

-Пред извесно време нагласив дека мерките кои ги спроведе Општина Карпош за решавање на проблемот со загадувањето се интервентни, и ние како локална самоуправа  ќе работиме на изнаоѓање на трајно решение на овој проблем.  Затоа за нашите најмали жители- карпошани во детските градинки и училиштата кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа ќе бидат обезбедени нови прочистувачи на воздухот – истакна првиот човек на Општината, Стефан Богоев. 

 

По повикот на градоначалникот Богоев за вклучување на општествено одговорни компании, поединци, здруженија да донираат прочистувачи на воздух, досега околу 20 % од вкупните потреби во градинките и училиштата се обезбедени токму преку вакви донации.

 

На оваа седница „зелено светло“ доби и одлуката за прифаќање на донација од „РОТАРИ КЛУБ-КАМЕН  МОСТ“- Скопје, за донирање на 12 прочистувачи за воздух, со кои  ќе биде целосно опремена една детска градинка на територијата на локалната самоуправа.

 

Советниците ги одобрија и Одлуките за давање на согласност за започнување на постапка за оттуѓување на патничките моторни возила марки:  AUDI Q7, SANG YONG, ZASTAVA YUGO, FORD  FIESTАа исто така, дадоа согласност за започнување на постапка за оттуѓување на товарното моторно возило марка „VOLVO“. Како што нагласи и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, целта на оваа постапка е, со  финансиските средства кои ќе се соберат од продажбата на овие возила, да се купи едно техничко возило за потребите на комуналните служби на локалната самоуправа, со што ќе се подобрат оперативните средства за собирање на смет  и шут на територијата на Општината.

 

-Како раководство, одлучивме дека овие возила во моментов не се  неопходни за потребите на Општина Карпош, и со собраните средства ние ќе набавиме техничко возило со кое  ќе се собира сметот во Општината. На тој начин , нашите комунални служби  ќе имаат уште едно дополнително средство со кое ќе можат  уште поефикасно да работат за одржување на хигиената на територијата на Општината - потенцираше Богоев.