БЕЗБЕДЕН ПРЕЧЕК НА НОВАТА 2018 ГОДИНА

 Со показна вежба – симулација, започна последниот настан од едномесечната кампања Среќна и безбедна 2018 година – во семејно и пријателско дружење која се однесува на превенција од употреба на петарди и пиротехнички средства во претпразничните и празничните денови. Настанот беше  во организација на Одделението за превенција при СВР Скопје, Црвен Крст на Град Скопје и Општина Карпош. Преку симулација на несреќна случка и поврeда од петарда, претставниците од МВР и од Црвениот крст демонстрираа како на најсоодветен и најбрз начин треба да се реагира во ваков случај.

Примарната цел на оваа кампања е да се подигне јавната свест кај сите граѓани, особено кај најмладите, учениците од основните училишта кои се и најчести корисници на петарди и друга пиротехника.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев го подржа настанот и апелираше до граѓаните за мирен, безбеден и достоинствен пречек на Новата 2018 година:

-          Општината Карпош и во претстојниот период ќе поддржува, но и ќе иницира активности чија цел е зголемување на безбедноста на учениците и намалување на употребата на петарди и други пиротехнички средства. Во координација сме и со надлежните институции, за да имаме мирен и безбеден пречек на Новата година, рече Богоев.

       Во фоајето на „Скопје Сити Мол“ се одржа и изложба на ликовни творби и графити изработени од учениците кои на креативен начин упатуваат порака до сите граѓани за последиците од користењето на пиротехнички средства.

Општина Карпош и во претстојниот период засилено ќе работи на јакнење на свеста кај граѓаните, бидејќи една од приоритетните цели на локалната власт е заштитата на животот и безбедноста на најчувствителната категорија граѓани односно на најмладите карпошани.