КАРПОШАНИ - ШЕСТИ НА УЧИЛИШНАТА ЕВРОВИЗИЈА

 

Со преработка на песната „Признавам“ од Маријана и Росана, основците од „Петар Поп Арсов“ го освоија високото шесто место на овогодинешната училишна евровизија – (Etwinning Schoolvision 2017), во конкуренција од 33 земји од европскиот континент.

Оваа манифестација се одржува по деветти пат, во чии рамки ООУ „Петар Поп Арсов“ го одбележа своето дебитантско учество. Како единствени претставници од нашава земја,  „распеаните карпошани“ го остварија досега, најдобриот успех од сите македонски претставници  кои учествувале на училишната европска музичка сцена.

Проектот Etwinning Schoolvision 2017 (училишна евровизија) е реализиран преку националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Под менторство на просветните работници Олгица Бајалџиева, (како Etwinning амбасадор) и наставникот по музичко образование, Дејан Миленковски, учениците работеа на проектот цели три месеци. 

           

Тие, посветено се ангажираа околу вокалната и инструменталната интерпретација на децата, снимањето на композицијата и идеите за видео записот.  Целта на проектот е учениците да ја претстават својата земја преку фолклорот и музиката  и воодно да се запознаат со  културните обележја на другите европски земји.  Целата комуникација како и подготовките на сите земји  се одвиваше преку интернет и социјалните мрежи.

 

Снимените видео записи од секоја земја требаше да се прикачат на официјалната страна на Schoolvision 2017 најдоцна до 5 мај, а потоа следеше гласањето кое траеше до 11 мај.  Сепак, победникот го одредија децата откако претходно ги гледаа сите видео спотови и потоа гласаа за своите фаворити. На 12 мај преку веб конференција, беа објавени конечните резултати и победникот на Schoolvision 2017 (Шпанија), доби трофеј, специјално нарачан и испечатен со името на училиштето.