НОВА ТИТУЛА ЗА ФУДБАЛЕРИТЕ ОД „ЛАЗО ТРПОВСКИ“

Денеска, на спортското игралиште во населбата Влае, се одиграа петте завршни меча од последното 18-то коло, од фудбалската училишна лига на Општина Карпош. Основците од „Лазо Трповски“ со 48 бодa го освоија првото место и воедно се промовираа во нови шампиони за училишна 2016/2017 година. Демонстрирајќи ја својата одлична форма на спортските терени во текот на целата сезона, фудбалерите од „Лазо“ заслужено се најдоа на врвот на табелата.

Второто место им припадна на учениците од „Вера Циривири Трена“, со 44 поени на бодовното салдо. Фудбалерите од „Братство“ ја обезбедија бронзата, со конечни 39 бодови на табелата.

На денешната спортска манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода им ги врачи дипломите, медалите и победничките пехари на фудбалерите од трите најдобро пласирани екипи.

-          Би сакал, на сите да ви го честитам учеството во осмата натпреварувачка сезона од училишната фудбалска лига на Општина Карпош. Наша цел, како локална самоуправа е постојано да ве поттикнуваме да спортувате, но исто така и вредно да учите. Секако, најуспешните ќе се радуваат на победата, но за останатите нема простор за разочарување, бидејќи и од поразот може да се научи како да се биде подобар во иднина – истакна првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски. 

Во рамки на училишната фудбалска лига на Општина Карпош, за најдобар играч беше прогласен Анатолиј Петејчук од ООУ Вера Циривири Трена“, а епитетот најдобар стрелец со 41 постигнат погодок, кој немилосрдно ги полнеше противничките мрежички, заслужено го доби Димитриј Попоски, од истото училиште.

Виктор Крстевски од ООУ „Лазо Трповски“, е најталентираниот играч во фудбалската училишна лига за 2016/2017 година. Општина Карпош, за најдобрата фудбалска тројка обезбеди осум месечна спортска стипендија,  еднократна парична награда, како и наградно патување.