ЗЛАТНА ЕВРОПСКА НАГРАДА ЗА ЈАКИМОВСКИ И ОПШТИНА КАРПОШ

 Меѓународната асоцијација за менаџмент и консалтинг „OtherWays“-Франција, на  17-та интернационална конвенција која се одржа во понеделник, (10.04.2017), во Берлин (Германија), му додели на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, „Златна Европска награда за квалитет и комерцијален престиж“.

Во придружба на претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски, градоначалникот Јакимовски го доби ова високо меѓународно признание за постигнатите извонредни резултати во работењето и неговите особени лидерски способности во процесот на менаџирање со локалната самоуправа.

 Практично, од денеска, Општина Карпош стана препознатлива на светската мапа како „Зелена организација“ и на тој начин ќе може ширум светот, полесно да воспостави релации на соработка со останатите носители на овој престижен епитет.

На претпладневната работна сесија на меѓународниот форум, меѓу 50 претставници на познати светски компании, институции и дипломатски корови, со свечен говор се претстави и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода, првиот човек на Општината одржа куса презентација, преку која ги потенцираше достигнувањата на локалната самоуправа од областа на екологијата и енергетската ефикасност, културата и образованието, подобрување на животниот стандард на граѓаните и високиот процент на реализирани инфраструктурни проекти.

Истражувачкиот тим на „OtherWays“ ги предложи, а Одборот за селекција, според строго наметнатите критериуми, ги номинираше Општина Карпош и нејзиниот прв човек Стевчо Јакимовски, за оваа престижна интернационална награда.

Според нив, градоначалникот Јакимовски во досегашното управување со Општината, покажал цврста посветеност и транспарентност во работењето и демонстрирал висок степен на иновативност при развојот на локалната самоуправа.

За воспоставените стандарди,  Општина Карпош од март 2011 година се стекна и со сертификат за квалитетен систем на менаџирање и давање услуги на граѓаните, кој го задоволува ИСО стандардот 9001:2008. При изборот за номинација, француската асоцијација „OtherWays“ собирала информации за Општина Карпош преку спроведени анкети, а се консултирала со повеќе медиуми, маркетинг агенции, Сојузи на стопански комори, странски амбасади, и организатори на меѓународни саеми. 

 НА СЛЕДНИОТ КЛИК ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО