ЕНЕРГЕТСКИ ЕКСПЕРТИ НА ПОСЕТА КАЈ ЈАКИМОВСКИ

Општина Карпош, од 15 до 17 март, беше домаќин на стручни технички лица од Австрија по повод имплементацијата на енергетскиот проект  „CoolHiting" кој пак, е дел од програмата „Хоризон 2020" и за кој локалната самоуправа се обврза да го реализира  со своите партнери од МАНУ, во периодот од 2016 - 2020 година. При оваа работна посета се одржа работилница со фирмите партнери во проектот на тема „Продор на пазарот на мали модуларни системи за централно греење и ладење базирани на обновливи извори на енергија - CoolHeating".
Преку презентации на практичните искуства на компании од Австрија како GET, Herz, Thermaflex, Danfoss и Општината Карпош, целта на настанот беше да овозможи пренос на знаења и да развие конструктивна атмосфера за дискусија на состојбите и можностите за развој на мали системи за централно греење и ладење базирани на обновливи извори на енергија во Р. Македонија.
  Во рамки на размената на знаења и искуства беше и посетата на објекти реализирани во Општина Карпош, насловени како „Примери за добра пракса" при што беа посетени топлинските потстаници со термални пумпи во ООУ „Вера Циривири Трена" и административните бараки во ООУ „Лазо Трповски". Посебен интерес, стручните лица пројавија за објектите кои подлежат на субвенционирање според правилникот на Општина Карпош. Во таа пригода беше посетен новиот објект на болницата „Филип Втори", со топлинската потстаница со термални пумпи вода/вода од 1,5 MW. Исто така, енергетските експерти од Австрија ги посетија и населбите Трнодол и Жданец како погодни локации за вакви мали системи.
 
По тој повод, денеска,  претставничката од МАНУ проф. Наташа Марковска во придружба со австриски експерт за енергетика Кристијан Дошекал, беа во работна посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. 
 
На средбата се говореше за градежните санации на колективните згради, промената на азбесните покриви и други активности кои како добра пракса, на локално ниво ги спроведува општина Карпош, додека пак, во Австрија ги спроведува централната власт.
 
Во оваа пригода, гостите изразија висока подготвеност за соработка, откако претходно ги посетија одредените локации низ Општина Карпош и се уверија во високиот процент на реализирани активности. Тие, на градоначалникот Јакимовски му ги пренесоа своите импресии и ги напоменаа придобивките од процесот на реализација на малите мрежи за повеќе објекти кои ќе се греат на обновливи извори на енергија.