СТОЛЕ ПОПОВ ЗАСЛУЖЕН ГРАЃАНИН НА КАРПОШ

Актуелните случувања во сообраќајот и со загадувањата во градот и во државата, беа повод членовите на Советот на Општина Карпош денес да отворат расправа за безбедноста во сообраќајот на територијата на Карпош и еко-заштитата на Општината.

Пред да почнат советниците со работа по точките од дневниот ред, советникот од редовите на  Граѓанската опција за Македонија Горан Михајлов предложи две иницијативи кои би требало да потекнат токму од овој совет. Така, тој побара да се изгласа иницијатива која би се однесувала на изработка на етички кодекс во сообраќајот и рана едукација на децата од најмала возраст, кој кодекс би се инкорпорирал во образовниот процес во сите училишта, во некој од наставните предмети, како на пример граѓанско општество и сл. Освен тоа, тој предложи и формирање на канцеларија за еко-планирање, во која би се споиле урбанистите, проектните тимови, локалните власти и науката, односно климатолози. Носители на активностите на овој план би бил Секторот за јавни дејности од локалната администрација, а во понатамошна фаза и Креативниот центар на Карпош кој веќе е формиран и делува во сите десет основни училишта во Општината. По кратка расправа, советниците од сите советнички групи дадоа „виза“ на ваквите иницијативи,но тие би се усвоиле на некоја од наредните седници.

 

Во натамошниот тек на 41-та седница на Советот на Општина Карпош беа усвоени уште десеттина важни одлуки од општественото живеење и функционирање на локалната самоуправа, како онаа за Предлог-планот за развој на општина Карпош за 2016 година, за донесување на Детален урбанистички план за Блок 5-од Четврт ССИ 03-Скопје (Северен дел на Касарна Илинден) Општина Карпош и Општина Чаир-Скопје, за прогласување на познатиот режисер Столе Попов за заслужен граѓанин на Општина Карпош за 2015 година, за определување на стипендии за талентирани ученици и спортисти од основните училишта од подрачјето на Општина Карпош, како и  за усвојување на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2015 до 30.09.2015 година.

Фотографии на следниов линк

https://picasaweb.google.com/112376818986983168533/November2201504?authuser=0&feat=directlink