ИНФОРМАЦИЈА

„ВИЗА“ ЗА ПРОГРАМИТЕ НА ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ ВО КАРПОШ

 Членовите на Советот на Општина Карпош, денес, на својата 40-та седница ги усвоија Предлог - заклучоците за усвојување на годишните извештаи за работа на јавните установи општинските детски градинки „Мајски Цвет“, „Орце Николов“, „Пролет“, „Распеана Младост“ и „Мајски Цвет“ од Општина Карпош-Скопје за 2014/2015 година, а дадоа и „зелено светло“ и на предложените  годишните програми за работа на истите установи за периодот 2015/2016 година.

По претходното разгледување на матичната Комисија за јавни дејности,  советниците дадоа „виза“ и за предлозите за прием на деца над капацитетот и утврдување на критериумите за прием на деца во овие јавни установи.

 На оваа седница минаа и одлуките за вклопување на два бесправни објекти,  во катастерската општина Долно Водно во урбанистичко-планска документација, со што се изврши усогласување на намената на бесправните објекти со намената на земјиштето. Усвоена беше и Предлог-Одлуката за бришење на Јавното претпријатие за дистрибуција на природен гас КАР-ГАС Скопје-во ликвидација од трговскиот регистар при Централен регистар на Република Македонија.

Глас „за“ добија и неколку предлози за издавање под закуп на училишна спортска сала и друг простор (холови и училници) во основните училишта на територијата на Општина Карпош, како и Предлог-Решението за давање согласност на Статутот на Приватната установа за деца-детска градинка „ПИКОЛИНИ“-Скопје.

                По деталното образложение на раководителот на Секторот финансии, мина и ребалансот на Буџетот на Општина Карпош за 2015 година.

                Инаку, она што предизвика поширока дебата меѓу советниците беше предлогот на советничката група од опозициската СДСМ за ставање на точка на дневен ред за запирање на постапката за донесување на ДУП-от за Карпош 4 и негово враќање неколку чекори наназад во фаза на нова анкета и јавна расправа, што беше одбиено како незаконски и противуставен предлог и прекршување на постапката за донесување на детален урабанистички план, во фаза кога тој не е ниту официјално дојден пред советниците. Предлогот го одбија мнозинството членови на Советот, а беше усвоено дополнување на дневниот ред на седницата со предлогот на советникот Владимир Кировски од опозицискиот блок, за разгледување на заклучоците донесени од страна на Советот на Град Скопје во врска со безбедноста на сообраќајот на територијата на Град Скопје.