УСВОЕН БУЏЕТОТ НА КАРПОШ ЗА 2015 ГОДИНА

„Зелено светло“ добија и програмите за изградба, редовно и инвестиционо одржување и зимско оддржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на подрачјето на Општина Карпош, потоа за активностите на Општина Карпош во областа на културата, како и во областа на спортот, детска, социјална и здравствена заштита и во областа на образованието. На денешната седница минаа и програмата за активностите во областа на заштита и спасување на граѓани и материјални добра, програмата за активностите на Општина Карпош во областа на информатичката технологија, за активностите во областа на месна самоуправа за 2015 година како и програмата за активностите во областа на еднакви можности меѓу жените и мажите во Општина Карпош. Конечно, беше усвоена и Предлог-програма за одбележување на 39 годишнината на Општина Карпош.

 На обидот за проблематизирање на буџетот за идната година од страна на советниците од опозициската СДСМ, раководителката за финансии при Општина Карпош им образложи дека станува збор само за „преточување“ на претходно едногласно прифатените програми од споменатите сектори и области во финансиски ставки односно дека секоја од усвоените програми без дискусија имаат финансиски импликации за нивната реализација и тие се едноставно преточени во буџетот за 2015 година. Советниците на Карпош денес донесоа и Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата од Буџетот на Општината откако денес, на општинската сметка „легнаа“ блок дотациите во износ од 9,6 милиони денари од страна на Владата на Република Македонија за конкретни намени како: затоплување, електрична енергија, ѓубретарина и водовод и канализација за основните училишта и за градинките. Со овие средства ќе може да се покријат дел од доспеаните обврски за „режиските трошоци“ на предучилишните и училишните установи на територијата на Карпош. 

Со мнозинство гласови на владејачката коалиција во Советот на Карпош, но и со наведнати глави на поголемиот број од опозициските советници беше усвоен и Извештајот на Комисијата за преиспитување на инцидентот настанат на 23-та седница на Советот, кога двајца советници од СДСМ од Карпош се обидоа да инфилтрираат вработен од Паркинзи Центар лажно претставувајќи го како новинар на редакцијата „Вечер“ со цел да направат инцидент и прекин на работата на Советот на Општина Карпош. 

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски на денешната седница ги информираше советниците дека утре на Владата ќе и ги понуди проектите за гасификација на Општина Карпош кои се веќе изготвени и кои чинат околу 50.000 евра со цел гасификацијата да почне токму од оваа општина која е најнапредна во подготовките на овој план, посебно што гасификацијата во главниот град ќе биде водени од централно ниво, односно од Град Скопје. 

Следната седница на Советот на Општина Карпош е закажана за идниот вторник- 30 декември.
Седница на Совет(24.12.2014)