БЕСПЛАТНИ УЖИНКИ ЗА ПРВООДДЕЛЕНЦИТЕ И ЕДНОДНЕВНИ ЕКСКУРЗИИ ЗА СИТЕ ОСНОВЦИ ОД КАРПОШ

Локалната самоуправа ќе обезбеди парични средства во вредност од 3.700.000 денари, од кои 1.200.000 ќе бидат насочени за бесплатни ужинки за сите првоодделенци, а со 2.500.000 денари ќе се покријат трошоците за еднодневни екскурзии за основците од прво до деветто одделение, кои се школуваат на територијата на Општина Карпош. Советниците опширно дебатираа и ги прифатија сите 40 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. На самиот почеток на седницата се обрати командирот на полициската станица Карпош, Роберт Петрушевски , кој пред присутните го презентираше извештајот за работите во однос на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на полициската станица за 2013 година. Беше усвоена и Програмата за урбанистичко планирање за 2014 година, а се утврдија и Нацрт-Деталните урбанистички планови за Градска четврт 3 03 и 3 08.

 Советниците едногласно ја усвоија Предлог-Програмата од областа на располагање со градежното земјиште, кое е во сопственост на Република Македонија а се наоѓа на територијата на Општина Карпош. Со исто темпо беше изгласана Програмата за изменување и дополнувањена програмата за активностите на Општина Карпош од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2014 година. 

Се усвоија 12 извештаи за реализација на програмите на Општина Карпош за 2013 година, кои ги опфаќаат виталните сфери преку кои се стимулира континуиран развој на локалната самоуправа. Мнозинството советници, ја прифатија Одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Карпош, во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги (MSIP), со кој се подобрува транспарентноста и финансиската одржливост на локалната самоуправа. Од особена важност за жителите на Карпош е тоа што советниците прифатија низа одлуки, со кои се одобруваат финансиски средства за реконструкција на фасадите на станбените објекти на ул. Јуриј Гагарин бр. 25, 28, 30, 52 и 54, а ќе се одобрат и финансиски средства за учество на Општината во реконструкција на лифтови на згради повисоки од 15 катови. Со одлука на Советот, локалната самоуправа ќе располага со средства кои ќе ги употреби за замена на старите кровни покривачи од азбест, со поцинкуван ребраст лим, кај колективните станбени згради, како и кај индивидуалните станбени објекти во Карпош. 

Со прифаќање на Предлог-Одлука за определување на финансиска поддршка, Општина Карпош ќе биде во можност да ги помага спортските клубови кои се наоѓаат на нејзина територија. Советниците ја избраа советничката од СДСМ Магдалена Несторовска, за член на Одборот за соработка и доверба со јавноста на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Со одлука на Советот, приватната установа ,,Грин Хаус’’ се стекна со Статутот на приватна детска градинка. По кусата расправа, советниците го усвоија Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош, за периодот од 01.01.2013 до 31.12.2013 година. 

Кон самиот крај на оваа седница, советниците го исцрпеа дневниот ред, прифаќајќи ги одлуките со кои се одобруваат финансиски средства за ФК ,,Лепенец’’, за надомест на штета за опожарено ателје и за поддршка на алпскиот скијач Антонио Ристевски, кој ќе ја претставува Македонија на Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година.